Секој дом е универзитет, и секој родител е професор. – Махатма Ганди
Што е позитивна дисциплина?
Честопати, кога ќе се слушне зборот „дисциплина“, кај многумина се јавуваат негативни асоцијации главно поврзани со казнувањето, за кое се мисли дека оди „рака под рака“ со дисциплинирањето. Сепак, вистинското значење на зборот „дисциплина“, кој потекнува од латинскиот збор disciplina, е „учење“. Оттука, дисциплинирањето е процес на учење и усвојување на вредности, правила, норми и принципи на прифатливо однесување во едно општество. Позитивната дисциплина значи водење и учење на детето како да постигне самоконтрола. Дисциплината е воспоставување рамнотежа помеѓу потребата на детето за автономија и потребата за ограничувања. Таа ни помага да ги учиме децата продуктивно да учествуваат во животот.
Физичкото казнување не го менува несаканото однесување, туку го потхранува и засилува
Основната причина зошто физичкото казнување нема позитивни ефекти е тоа што детето не го менува однесувањето за кое е казнето, туку само го потиснува и го одложува за подоцна. Оттука, станува збор за привремен прекин на лошото однесување, но никако не и за негово трансформирање во позитивно. Во меѓувреме, насобраниот гнев и болката детето може да ги испразни манифестирајќи низа непријатни и неприфатливи (па дури и антисоцијални) форми на однесување. Најчесто се забележува дека ваквите негативни емоции децата ги манифестираат врз предмети (играчки, кукли и слично), врз послаби од себе кои не можат да се одбранат (помали деца, животни и слично), така што физички ги казнуваат, ги оштетуваат, ги повредуваат, а понекогаш можат да манифестираат и автоагресивни поведенија (поведенија во кои агресијата е насочена кон сопственото тело). Со казнувањето, кај детето се поттикнува чувство на срам и вина, на безвредност и сомневање во сопствениот потенцијал за самоконтрола, раѓа бунт и отпор! Всушност, казнувањето го забавува процесот на учење.
Акцентот треба да биде ставен на разговор, наместо на наредување и критикување
Доколку детето разбере зошто не треба да постапува на одреден начин и ги сфати негативните последици од своето однесување врз другите и врз околината, повеќе ќе биде мотивирано самото да се однесува на општествено прифатлив начин и да практикува повисоки нивоа на самоконтрола. За ова на децата им се потребни родителите/возрасните како позитивни модели од кои тие ќе можат да учат и со кои ќе можат да се споредуваат. Секое дете има свое развојно темпо и специфики. Но, во контекст на дисциплинирањето, она што е заедничко за сите деца е дека тие не слушаат кога се исплашени, повредени или лути. Кога, пак, чувствуваат дека се под закана, пројавуваат одбранбен став кој го затвора каналот не само на успешната комуникација, туку, неретко, на каква било комуникација.
Потребно е практикување грижлива и решителна дисциплина
На овој начин се обезбедува одржување на поставените граници, како и на топлата атмосфера на меѓусебно прифаќање, доверба, почитување, поддршка и – над сè – љубов. Децата не слушаат кога се исплашени, повредени или лути. Кога ќе почувствуваат закана децата заземаат одбранбен став. Одбранбениот став може да се пројави како послушност, како бунт или како овие две работи заедно, затоа што детето мора да си го врати многу значајното чувство на припадност и важност и ќе направи речиси сè за да го почувствува повторно. Тоа што родителите треба да го знаат е дека децата треба да ги научат вистинските работи – да знаат дека припаѓаат некаде и дека се важни, дека можат да им веруваат на родителите и да учат од нив и да покажуваат дека знаат како се чувствуваат. Казнувањето го забавува процесот на учењето.
Потребни се доследност и конзистентност во однесувањето на родителите/воспитувачите
Ова е од исклучителна важност за детето јасно да знае што се очекува од него/неа. Родителот/возрасниот треба да биде доследен и конзистентен во своето однесување кон детето (на пример, доколку мора да спречи одредено однесување – детето упорно му досадува на домашното милениче и го третира како да е играчка – тоа треба да го прави на ист начин секогаш кога ќе се манифестира неприфатливото однесување, а не некогаш да го санкционира однесувањето, а некогаш да не реагира на тоа). Понатаму, родителот во позитивната дисциплина:
- насочува наместо да контролира,
- воспоставува соработка со детето,
- пред сè, тој/таа самиот/ата го почитува детето за тоа да научи да ги почитува другите,
- се обидува да се стави во позицијата на детето и нештата да ги погледне и разбере од негова перспектива,
- нуди избор,
- помага кога треба,
- трпелив и грижлив е,
- обрнува внимание,
- надгледува и пренасочува и секако
- ја прифаќа уникатноста на детето, односно не го споредува со други деца.
Треба да се постават јасни правила и граници на однесувањето
Правилата што родителите ги поставуваат треба да се разбирливи и добро дефинирани очекувања од детето кои ќе се соопштат со кратки и јасни пораки за детето лесно да разбере што се бара (и зошто тоа се бара) од него/неа (на пример. „Те молам, собирај ги играчките откако ќе завршиш со играњето. Така секогаш ќе знаеш каде се и нема да ги изгубиш, а, воедно, и собата ќе ти биде средена. Уредноста е важна особина“.). Практиката покажува дека децата се поподготвени да ги следат и почитуваат правилата во чие донесување учествувале самите.
Користење на позитивно поткрепување и наградување на позитивното однесување
Важно е да се нагласи дека наградувањето не треба да биде од материјална природа, односно таквите награди да се што е можно поретки. Посебно треба да се поткрепат оние активности со кои детето покажува трпеливост, самоконтрола, истрајност и кои ги завршува до крај. Најчесто помалите деца бргу се откажуваат при првиот неуспех. Во такви ситуации, родителите треба да практикуваат трпелив и необвинувачки однос, да му помогнат на детето да ја поврати мотивацијата и да му покажат дека чекор по чекор, со малку поинаков приод, тоа што на почетокот му изгледало како нерешлив проблем, всушност, може да се реши. На тој начин, откажувањето и нервозата ќе бидат заменети со однесување кое ќе цели кон успешна реализација и во услови на неколку последователни неуспешни обиди.