Супер е да се има многу другарчиња, но исто така супер е да се има и едно другарче.
Колку другарчиња имаш не e важно, она што е важно е вашиот меѓусебен однос. Да се има другар значи да имаш некој на кој можеш да му веруваш, некој на кој можеш да се потпреш, некој со кој што можеш да ја споделиш твојата среќа и твојата тага. Другарството може да опфати најмали и наједноставни работи како на пример: да те повика да го придружуваш до продавница, да го сподели неговото јадење со тебе, да те повика да се приклучиш во некоја игра, но ги опфаќа и оние посложени работи како на пример: да му помогнеш во некоја ситуација, да го посоветуваш за некоја работа која го мачи и слично.
Треба да се има на ум дека другарувањето некогаш и не е баш лесна задача, бидејќи некогаш може да се случи да имате спротивни мислења или преференции во некоја тема, едниот има една желба или потреба, а другиот сосем друга. Тоа не значи дека треба да се карате или да престанете да си зборувате бидејќи вашите желби или мислења не се поклопуваат. Кога станува збор за ставови, треба да го почитувате туѓото мислење и да го прифатите, што не значи дека мора да го промените своето. Кога станува збор за желби, на пример ако едниот/едната сака да игра монопол, а другиот/другата сака да игра криенка, тогаш во тој случај може да направите компромис, да се договорите пола од времето да ја играте едната игра, а пола од времето да ја играте другата игра, или може да најдете сосема друга игра која ви одговара на двајцата/двете.
Другарчињата често може да ги чувствуваме како наше второ семејство бидејќи со нив поминуваме толку многу време и споделуваме толку многу моменти. Она што е важно да се напомене е дека сите сме различни и сите сме посебни и уникатни на свој начин. Иако може да сретнеш дете кое има различна боја на коса или различна боја на кожа, тоа не значи дека треба да го избегнуваш или да не го дружиш. Можеби ќе сретнеш дете кое има потешкотии во зборувањето или ќе сретнеш дете на кое му е потребно да користи помагало за да се придвижува, па така фактот дека тоа е различно од тебе не значи дека би требало да не го дружиш. Напротив, различностите не треба да бидат пречки во формирањето и одржувањето на другарствата, туку мост на зближување на два света што заедно може да направат прекрасен спој и да придонесат многу позитивни работи еден на друг. Секое другарство е скапоцен подарок кој животот ни го дава и од секое другарство може да извлечеме некоја поука.
„Другарот е едно од најдобрите нешта што можете да ги имате и едно од најдобрите нешта што можете да бидете.“ – Даглас Пеглс