Со ширењето на интернетот, мобилните телефони и уредите поврзани со Wi-Fi, децата и младите можат да пристапат до различни платформи и содржини, речиси во секое време од денот или ноќта и од речиси секоја локација.
Поголемиот дел од времето, оваа интернет конекција е позитивна придобивка бидејќи децата користат интернет за да ја завршат домашната задача, да разговараат со пријателите, споделуваат фотографии, прават музички видеа, играат игри, користат страници за споделување датотеки и многу повеќе.
Но, знаеме дека децата се соочуваат со многу ризици преку интернет, почнувајќи од сајбер насилство, говор на омраза, сексуална злоупотреба и експлоатација, изложување на детска порнографија и многу повеќе.
Совети за дигитално родителство
Препознајте сајбер насилство
- Вознемирување – константно праќање навредливи, вознемирувачки и груби пораки
- Имитирање - пробивање во туѓи кориснички сметки и праќање лажни, засрамувачки пораки во туѓо име
- Омаловажување - пишување гласини или други неточни изјави кои може да ù наштетат на жртвата, како и слики со понижувачка содржина и срамни лични информации и нивно праќање или објавување на интернет
- Измамување и јавно откривање – споделување туѓи лични информации или измамување некого за да ги сподели своите тајни со цел да ги препраќа на други
- Вулгарно обраќање – праќање пораки со вулгарна содржина
- Сајбер демнење – константно заплашување на жртвата за својата безбедност
Совети за постапување ако Вашето дете е жртва на сајбер насилство:
- Посоветувајте ги Вашите деца да ја блокираат комуникацијата со сајбер насилниците, да не отвораат и не одговараат на електронската пошта или пораките од некој кој знаат дека е сајбер насилник.
- Побарајте да Ви ги покажат пораките доколку се соочуваат со одреден проблем и заедно разговарајте за содржината на истите
- Чувајте ги или печатете ги сите пораки од насилниците како докази, кои можете да им ги прикажете на интернет - провајдерите на услуги, па дури и на полицијата, кои потоа соодветно ќе може да се справат со силеџијата.
- Доколку личните податоци на Вашето дете се злоупотребени на интернет, можете да го пријавите случајот во Дирекцијата за заштита на лични податоци.
- За тешки случаи на сајбер насилство, што вклучуваат закани за физичко насилство, можете да се обратите во полиција.
- Пријавувајте ги злоупотребите на веб страниците и социјалните мрежи, кои имаат соодветни опции насочени кон блокирање на одредена личност или порака (Report или Block) или пријавување на несоодветни содржини, или со обраќање директно до администраторот.
- Најважно од се’, зборувајте со вашите деца за тоа што прават на интернет
Што да направите ако Вашето дете е жртва на сексуална злоупотреба:
- Не споделувајте повеќе. Не плаќајте ништо.
- Побарајте помош.
- Зачувајте докази, слики од екранот. Не бришете ништо.
- Прекинете ја комуникацијата. Блокирајте ја личноста.
- Пријавете во полиција.
Како да се однесувате со Вашето дете да ги ограничите ризиците од каква било злоупотреба:
- Објаснете ги Вашите правила и очекувања доколку му обезбедите на вашето дете уред. Објаснете им како одговорно треба да се користи оваа технологија.
- Договорете се за тоа што е прифатливо да се објавува и испраќа.
- За постарите деца, можеби ќе сакате да користите примери од реалниот живот од вестите што ги илустрираат ризиците, опасностите и правните прашања.
- Ако сакате Вашето дете да Ви верува и да ги сподели работите со Вас што ги направило, а се непријатни, па дури и надвор од Вашите етички принципи, треба да бидете подготвени да го слушате и да го поддржите.
- Погрижете се Вашите деца да не додаваат странци како „пријатели“.
- Забележете како Вашето дете комуницира со технологијата: дали го прави тоа на начин така што се менува неговото однесување кога ќе влезете во собата? Дали го исклучува компјутерот и сл.
- Одржувајте ги највисоките поставки за приватност на сите уреди и платформи.
- Редовно проверувајте ги тие поставки бидејќи понекогаш може да се ресетираат кога платформите вршат ажурирања или ги менуваат условите за користење.
- Научете ги Вашите деца навистина да размислуваат пред да објавуваат или споделуваат информации.
- Погрижете се Вашето дете да знае дека секогаш може да дојде и да разговара со Вас за сè што се случува.
Пријавете кривично дело во полиција или Јавно обвинителство.
Во МВР тоа може да се пријави и анонимно, во најблиската полициска станица, преку телефонот 192 или до Одделението за компјутерски криминал на е-пошта на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или на страната ,,Црвено Копче‘’.