Родители и старатели

Расположенија: како да им се помогне на децата во пубертет и тинејџерите да ги контролираат емоционалните подеми и падови

За деца од 9 до 18 години

Доколку сте родител на тинејџер, веројатно сте биле сведок на емотивниот тобоган, каков што е адолесценцијата. Можеби Ви е тешко да се справите со нивните промени во расположението од крајна возбуденост во една минута до длабок очај во следната. Веројатно се прашувате зошто емоционалниот живот на тинејџерите е толку тежок и на кој начин е поразличен од емоционалните искуства што ги доживуваме во други возрасни периоди.

Расположенијата се знак дека Вашето дете поминува низ посложени, зрели емоции и се обидува да ги разбере и да ги контролира. Ова е многу важен дел од развојот на тинејџерите. Вие имате важна улога во помагањето на Вашето дете во овој дел од неговиот развој. 

Повеќе за расположенијата на тинејџерите

Расположенијата, или емоционалните промени – подеми и падови, се нормална појава во животот на младите луѓе, како и на возрасните.

Сосема е природно за тинејџерите да се чувствуваат весело и возбудено некои денови, а во други нерасположено, рамнодушно, депресивно или тажно. Исто така, за тинејџерите е нормално да имаат потреба од повеќе приватност или да бидат сами со себе. Во тинејџерските години, овие емоционални варијации може да се случуваат почесто, а може и да бидат поекстремни.

Емоционалните подеми и падови низ кои поминува Вашето дете може да се случуваат заради повеќе причини – физички, емоционални, социјални и психолошки - а не заради некоја причина посебно. Честопати нема да можете да одредите зошто Вашето дете се чувствува добро или лошо, ниту пак детето ќе знае.

Емоционални промени: зошто се случуваат

Физички фактори

Младите луѓе минуваат низ големи физички промени во периодот на адолесценцијата.

Нивните тела се менуваат, а тоа може да ги направи посамосвесни, па дури и срамежливи или пак да ги натера да сакаат поголема приватност и почесто да се сами. Децата кои се развиваат побрзо или поспоро од своите врсници може да се осетливи на овие физички промени.

Друг физички фактор е потребата од сон. На тинејџерите им треба 8 до 10 часа сон, а должината на тоа колку спијат може да влијае врз нивното расположение.

Редовни, хранливи оброци и доволно физичка активност се неопходни за физичкото здравје на Вашето дете и може да помогне во емоционалните промени.

Мозокот

Мозокот во тинејџерските години претрпува многу промени.

На пример, промените во мозокот предизвикуваат телото на Вашето дете да почне да лачи полови хормони. Овие хормони предизвикуваат физички промени, како и сексуални и романтични чувства. Овие чувства може да се многу силни и понекогаш да го збунуваат Вашето дете.

Мозокот на Вашето дете ќе продолжи да се менува се’ до раните дваесетти години од неговиот живот. Делот од мозокот што последен се менува е предфронталниот кортекс, којшто е тесно поврзан со областите што ги регулираат и конторлираат емоциите. Тоа значи дека на Вашето дете може да му биде тешко да контролира некои од посилните емоции и може да изгледа дека реагира поемотивно од порано. Детето сеуште учи како да ги обработи и изрази своите емоции на возрасен начин.

Социјални и емоционални фактори

Новите мисли, новите емоции, новите пријатели и новите обврски - сите тие може да влијаат врз тоа како се чувствува Вашето дете.

Во процесот на осамостојување Вашето дете учи како само да решава поголем број проблеми. Почесто поминува размислувајќи за другарството, училиштето и семејните односи.

Стресните семејни ситуации исто така може да влијаат на расположението на Вашето дете.

Помогнете им на тинејџерите да имаат повеќе добри од лоши расположенија

Има неколку работи што можете да ги направите за да му помогнете на Вашето дете да има повеќе добро од лошо расположение.

Прво, препознајте ги нештата во кои Вашето дете веќе ужива. Тоа може да е омилен спорт, поминување време со старите другари/ки, слушање музика или свирење, цртање, создавање свои дигитални содржини (презентации, Јутјуб видеа и сл.) итн. Практикувањето на омилените работи ќе му помогнат на Вашето дете да се чувствува сигурно и самоуверено и во исто време му даваат основа да испитува нови интереси.

Можете, исто така, да му помогнете да најде нови активности што ќе му претставуваат предизвик и што ќе му помогнат да си постави нови цели и да запознае нови пријатели. Тоа може да биде учење да свири на нови инструмент или приклучување кон некоја социјална група. Но, наместо да ги избирате активностите за Вашето дете, може да се обидете да го слушате внимателно што сака или не сака, за да стекнете увид во тоа што би можеле да бидат новите интереси.

Помогнете им на тинејџерите да ги контролираат расположенијата

Не можете да спречите Вашето дете да се чувствува рамнодушно или лошо. Но има многу работи што може да ги направите за да му помогнете на детето да ги контролира промените во расположението.

Помогнете му на Вашето дете да ги прифати промените во своето расположение

Многу може да му помогне на Вашето дете да знае дека е сосема нормално да има емоционални подеми и падови. Најдобар начин да го сторите тоа е да му покажете на детето дека и Вие понекогаш може да се чувствувате нерасположено или рамнодушно.

Исто така, важно е Вашето дете да знае дека сте тука за него/неа секогаш кога не се чувствува расположено или кога поминува низ тежок период. Доволно е да му кажете „Разбирам дека имаш тежок ден.“

Останете поврзани со Вашето дете

Поврзаноста и активното слушање што му се случува на Вашето дете во секојдневието ќе Ви помогне полесно да разберете што ги предизвикува емоционалните подеми и падови кај него/неа. Понекогаш, секојдневните активности како што е превезување на Вашето дете со кола или заедничкото гледање телевизија се најдобрите моменти кога Вашето дете може да сподели со Вас што му се случило.

Дајте му простор на Вашето дете

Младите луѓе градат самостојност и се справуваат со нови работи секојдневно. Затоа, обидете се да му дадете на Вашето дете простор и време за себе, за да размисли за новите емоции и новите искуства. Секако, кажете му дека сте тука ако сака да поразговарате.

Воздржете се од давање решенија

Ако има проблем, разговорот за можните решенија е одлично за Вашето дете, но Вашето дете има потреба да придонесе кон наоѓањето на соодветното решение и да чувствува дека е негово. Исто така, поверојатно е дека ќе го испроба решението ако чувствува дека тоа дошло од него, дека не е наметнато.

Во исто време, решавањето проблеми е животна вештина која Вашето дете може да ја усоврши доколку ја вежба. Со тоа што ќе посветите време и енергија во развивање на вештините за решавање на проблеми кај Вашето дете, му испраќате порака дека го цените неговиот придонес во носењето одлуки што влијаат врз неговиот/нејзиниот живот.

Работете заедно за развивање на стратегии за надминување на проблемите

Учењето како да се надминат и контролираат емоционалните подеми и падови самостојно е една од големите работи на адолесценцијата. А Вие може да му помогнете на Вашето дете да ја развие оваа важна животна вештина.

Еден начин како да го сторите тоа е да направите список на „подобрувачи на расположението“ заедно со Вашето дете. Еве неколку работи што може Вашето дете да ги направи за да си го поправи своето расположение:

  • Слушање весела или омилена песна
  • Брзо одење
  • Милување на куче
  • Гушкање со Вас.

Добро е да има повеќе работи на списокот за да може да испроба различни работи и да види кои се најефикасни.

Бидете му пример

Вие сеуште сте му најдобриот пример на Вашето дете. Вашето дете ќе Ве гледа Вас како се справувате со тешките моменти. Размислете како Ве посматра Вашето дете кога поминувате низ тешки мигови и како се справувате.

Повеќе од расположенија: кога тинејџерите се чувствуваат нерасположено постојано

Понекогаш, постојаното чувствување нерасположено или рамнодушно може да биде знак дека станува збор за нешто посериозно.

Младите луѓе може да се чувствуваат нерасположено неколку минути, часови, денови или подолго. Доколку Вашето дете изгледа нерасположено, рамнодушно, иритирано или тажно две или повеќе недели, или ако забележите дека расположениоето го спречува да ги извршува своите секојдневни работи, тоа може да биде знак на посериозен проблем со менталното здравје.

Доколку сте загрижени за емоциите и однесувањето на Вашето дете, важно е да поразговарате со него/неа и да побарате помош од професионално лице за ментално здравје (психолог или психијатар). Вашиот матичен лекар може да Ви помогне да ја најдете вистинската личност.

Најголемиот број тинејџери кои имаат проблеми со менталното здравје добро се опоравуваат доколку добијат соодветен третман, особено ако почнат навремено/рано на почетокот на проблемот.

Можеби Вашето дете ќе сака да се јави на Ало Бушавко на 070 390 632. Во доверба, анонимно ќе добие телефонско советување за млади луѓе н а возраст од 6 до 18 години. Ало Бушавко исто така нуди и советување преку опцијата за чет (разговор преку пишување пораки во реално време) и советување преку емаил.

Super User