Емоции - Јас и моите емоции
Мисли позитивно, немој да си тажна, насмевни се. Ако имаш лош ден треба само да ставиш насмевка, ако си нервозна треба да престанеш да си нервозна, ако си момче, момчињата не плачат. Многу често знаеме да ги слушнеме овие зборови од некој кој сака да не расположи и да не оттргне од моменталното нерасположение. Но сепак, емоциите се како дожд, при што овој пат не треба да носиме чадор за да можеме целосно да ги разбереме, да дејствуваме со нив и да знаеме како да ги искажеме.
Јас како мала често знаев да ги прикривам моите емоции. Кога се чувствував тажна, секогаш имав насмевка на лицето. Кога бев лута, не ја искажував мојата лутина, останував смирена. Едноставно мислев дека што и да кажам нема да ме разберат, јас нема да сум во право, ќе ми се исмејуваат. Па така, научив и воопшто да не ги искажувам емоциите, да ги прекривам и на мој начин да се справувам со нив.
По некое време, почнав моите емоции да ги запишувам во дневник. Дневникот ми беше како другарче и секојдневно му ги кажував моите емоции. Кога бев тажна, лута, пишував која е причината поради која се чувствувам така, кога бев среќна пишував што беше тоа што ме направи да сум среќна. Едноставно знаев дека што и да напишам нема да ме осудува, ќе ме разбере, а и од друга страна никој не можеше да го земе и да го прочита, и тоа ми даваше некоја сигурност.
Кога почнав да се развивам како личност, да стекнувам блиски врски, полека почнував да разбирам дека и не е толку лошо човек да ги искажува своите емоции, било тоа да се добри или лоши. Дека за каква било ситуација е добро човек да има свои мислења, емоции, иако можеби на некој нема да му се свиѓаат или можеби нема да ме разбираат зошто баш така се чувствувам. Сепак на крајот од денот јас не сум мојата емоција, само така се чувствувам.
Сите ние сме луѓе, а не компјутери, па според тоа, сите имаме емоции. Тие се многу важен дел од меѓучовечките односи. Во текот на еден ден ние можеме да имаме многу различни емоции. Изложени сме на различни настани, луѓе кои ни предизвикуваат емоционална реакција. Можеме да бидеме тажни, среќни, лути, гневни. И тоа е сосема во ред.
Ние не можеме да се плашиме од емоциите, може само да имаме негативно искуство со некоја емоција или ситуација, па според тоа кај нас да се појави страв. Важно е да знаеме дека никогаш не смееме да ги потиснуваме во себе, бидејќи кога ги туркаме настрана или игнорираме тие стануваат се посилни, а неможноста да се справиме со емоциите влијае на секој аспект од нашето секојдневие.
Да ви откријам една мала тајна ... Јас сеуште пишувам дневник, но сепак при пишувањето јас ја идентификувам емоцијата, станувам свесна за тоа како се чувствувам, не ја кријам од себе, не ја потиснувам, знам зошто се чувствувам така, не се окривувам и ја прифаќам секоја емоција. На овој начин јас всушност и полека научив како да ги искажувам емоциите, да градам позитивни емоции и да замолам за помош или поддршка при соочување со тешка емоција. Бидејќи на крајот од денот, целта не е да се ослободиме од тешките емоции, туку да имаме здрав однос со нив.
Емоциите се како една широка палета од бои, кои на листот од хартија го претставуваат животот. Секоја емоција е претставена со разна боја, која дава и разно значење. Па така, како што знаеме дека постојат повеќе бои, постојат и повеќе емоции. И според ова, зошто не би го обоиле светот со сите шарени бои?
Мила Ивановска