Она што се вика Љубов. Кога би прашале неколку луѓе за тоа што е љубов, сите би ни дале различен одговор. Што е љубов? ...
Љубовта е розовиот семафор на патот кој се вика Живот. Сите стоиме пред него, но во различен автомобил. И кога би прашале неколку луѓе за тоа што е љубов, сите би ни дале различен одговор. За некого е љубов кога ќе му ја подарите неговата омилена книга, кога некој ќе ти го подготви омиленото јадење. За некого е љубов нечија насмевка, можеби и нечиј поглед. И не е важно како ја дефинираме љубовта, важно е како ја чувствуваме. Љубовта доаѓа рака под рака со среќата, но понекогаш и со тагата. И солзите за невозвратената симпатија е љубов. Печат за нашите чувства кон некоја личност. Понекогаш во овие моменти можеби и посакуваме да ја немаме, без да знаеме дека тоа е лекција која секој мора да ја научи. Љубовта може да биде се’ што ние сакаме да биде. Најважно е дека ние не би биле ние без љубовта. Неа треба несебично да ја споделуваме со нашите блиски, но и со себеси. Е таа љубов е нешто посебно. Некој можеби ја има во поголема мера, некој во помала. Сето тоа не е важно се додека ја имаме. Кога би зборувала за љубовта во мојот живот, можам да кажам дека таа во текот на годините се менуваше. Можеме со сигурност да кажеме дека љубовта е различна во секоја животна доба, но чувството е исто. И кога имаме 12 години, и кога имаме 18, 25 …, ние секогаш се чувствуваме убаво кога некого сакаме и кога знаеме дека некој не сака нас. Љубовта не можеме да не ја препознаеме. Ја познаваме по насмевката, по погледот, по вниманието, а некогаш и по слатката трема. За љубовта можат да се напишат безброј страници, но дури и тогаш не би било кажано се за неа. Тоа е бескрајна тема.
Марија Боцевска