Предрасуди. Што се предрасуди?
Што се предрасуди?
Предрасудите се еден вид брзи и најчесто погрешни мисли или претпоставки што не спречуваат вистински да ја запознаеме личноста кон која имаме предрасуди. Тоа е она што прво ни доаѓа на ум кога ќе видиме дека некој прави нешто што можеби ние не би го правеле да сме на нивно место. Проблемот е тоа што не знаеме со што се соочува личноста и од што потекнува тоа однесување, а донесуваме заклучоци или претпоставки.
Пример: Петар доаѓа на училиште со различни чорапи, Лина го гледа и и’ кажува на Мила дека Петар е глупав (предрасуда), дека не знае како да облече чорапи и му се смеат. Игор вели Петар е сиромашен и нема ни две исти чорапи (предрасуда).
Вистината на приказната: Петар има помало братче со кое ја делат собата и бидејќи станал рано не сакал да го разбуди братчето и не го вклучил светлото, па затоа ги земал чорапите кои први ги фатил во темницата. Вистината ни покажува дека Петар е грижлив, внимателен и го сака својот брат, тој е добро дете кое само било внимателно, не е ниту глупав, ниту сиромашен и никако не треба да се исмева.
За жал има многу вистински примери за предрасуди, кога ќе сфатите што се предрасудите, ќе почнете да ги забележувате предрасудите што се случуваат околу вас и како влијаат врз другарчињата.
Кој е ефектот од предрасудите?
Конкретно во примерот со Петар, бидејќи соучениците го исмеваат, ќе почнат сите да го избегнуваат и да не се дружат со него за да избегнат, другарчињата да ги исмеваат и нив ако се дружат со него. Понатаму, Петар ќе се повлече, нема да зборува со соучениците, можеби и веќе нема да биде активен на часовите, бидејќи сега другарчињата почнуваат да му се смеат на секој негов одговор, ќе му се намали успехот, дома ќе го караат поради тоа што неговиот успех се намалил, но тој се плаши да каже дека го исмеваат и дека се срами да зборува пред нив. Ова е само еден едноставен пример, преку кој може да согледаме колку последици може да има само од една предрасуда, колку може да влијае врз расположението на другарчето. Можеби за вас тоа изгледа забавно и сте среќни што не сте вие тој што го исмеваат, и тоа го правите од досада. Предрасудите се навредливи за личноста кон која се наменети.
Што ќе и помогне да се воздржите од донесување на предрасуди?
Треба да внимаваме да не носиме брзи одлуки за другите и нивното однесување, да ги прашаме како се, дали им треба нешто, да ги прашаме за нивната приказна, да се воздржиме од кажување претпоставки кои не се точни и со кои би можеле да го повредиме другиот. Сигурна сум дека никој од вас не би сакал да биде на местото на Петар. Секогаш прво помислете како би се чуствувале вие кога би биле на местото на другиот, дека сигурно има нешто за кое не знаете, дека не е се како што изгледа, можеби другарчето се соочува со други проблеми за кои вие не знаете. Доколку забележите дека вашето другарче има предрасуди кон некој , можете да се обидете да му кажете, дека сигурно има некоја причина за однесувањето на другиот, да му дадете простор да размисли и од други перспективи за да не дојде до погрешен заклучок.
Марија Нечовска