Онлајн другарството е пријателство кое најчесто се случува на интернет и ретко или речиси никогаш не се комбинира со интеракција во вистинскиот живот. Споредбено со офлајн другарството кое е традиционално меѓусебно другарство со интеракција лице в лице. Другарството преку интернет завзема се поголем замав и започнува најчесто во тинејџерските години, а има предиспозиции да продолжи и понатаму.
Адолесценцијата е период на предизвици и период на пронаоѓање на себе си во сложениот круг од живот, исполнет со бројни новости за адолесцентот. Тие нови предизвици многу често можат да предизвикаат чувство на страв кај тинејџерот, а тој страв пак да резултира со социјално повлекување на особата. Доколку тинејџерот се чувствува збунето, исплашено, отфрлено, непосакувано, што е сосема во ред, многу лесно во модерното општество може да пронајде онлајн другарче со кое може да сподели работи за кои не се чувствува подготвено да ги изусти лице в лице или едноставно нема кому да се обрати.Преку онлајн другарството исто така се создава утилитаристичката личност која ги прифаќа различностите, преку спријателување со луѓе од различни држави и култури. Интровертните и срамежливите многу полесно можат да се отворат онлајн. Преку воочување дека постојат голем број на луѓе кои се слични со него, се соочуваат со слични проблеми, многу полесно тинејџерот може да се справи со нив, да увиди дека промените што му се случуваат се универзални, а не единствени.
И во пријателството на интернет постојат недостатоци. на крајот од денот ние сепак сме социобиолошки суштества кои имаат потреба од перцепирање на говорот на телото на другата личност, а онлајн интеракцијата не ни го овозможува тоа. Пријателот на интернет може многу полесно да исчезне, така што и многу тешко може да се знае дали пријателот на интернет е вистински или пак користи нечиј идентитет. Со фактот што секоја напишана порака и испратена слика на интернет сепак останува вмрежена во системот, нашето прекумерно споделување на лични информации може да биде опасно за нас. Прекумерниот број на пријатели исто така може да доведе и до губење контакт со реалноста и пријателите од секојдневието.
Онлајн насилството, познато како сајбер насилство е било какво нанесување на негативен ефект и злоупотреба преку дигитални уреди, ваквиот вид на насилство завзема се поголем замав како повеќе станува актуелен интернетот, а најзагрозувачка група се токму тинејџерите доколку се земат обзир годините, статусот, искуството и периодот.
Истражувањата тврдат дека најголем број од жртвите на онлајн насилството се лица од 12-18 годишна возраст. Причината зошто токму денес сајбер насилството е најмногу застапено може да се бара токму во времето поминато онлајн, здодевноста и поголемата изолација од реалноста со новонастанатите услови за живот.
Онлајн насилството е присутно и ќе биде присутно, но во наши раце е да се заштитиме од него. За да се штитиме од било што првично треба да бидеме способни да го препознаеме.
Па така најчести форми на онлајн насилство се следниве:
- подбивање/ потсмевање во коментари или порака,
- агресивен речник,
- социјална ексклузија,
- расизам,
- хомофобија,
- непосакувани секусални пораки,
- имплицитно влијание на социјалните мрежи,
- користење на лични фотографии, пораки или пак и нивна злоупотреба.
Главни особености на лицата кои се опасност онлајн е доколку имаат мал број фотографии или имаат чудни објави, односно доколку личноста со која сакате да имате интеракција/ таа да има интеракција со вас има малку слики од нив, малку информации за нивниот живот вон интернет, мал период е корисник на социјалната мрежа, немате заеднички пријател со вас кој вам ви е добро познат, може да се каже дека таа личност може да е потенцијална опасност, бар во однос на нивниот идентитет.Во однос на онлајн пријател, тоа може да се увиде доколку личноста има споделено доста информации за нив, слики, како и пријатели кои може да се заеднички. Секој може да направи грешка и да навлезе во опасност онлајн, но најбитното нешто е да се комуницира за тоа со пријател/родител/ личност на кој му се верува за да и истата помогне во решавање на опасноста, доколку се нема целосна доверба или личност од доверба нема тинејџерот секогаш може да се обрати на АлоБушавко кој е тука за него подготвен да го сослуша и помогне.