Анксиозноста го доби своето име дури кога бев средношколка.
Пред тоа беа мислите кои ми правеа паника во главата, стравот од нови ситуации, немањето на здив, а понекогаш и вртоглавиците.
Таа беше присутна секогаш кога наставничката немаше да дојде на време во училницата и во тој момент веќе постоеа 101 мисла како би можело нешто лошо да се случи со мене.
Секогаш кога требаше да прозборам со некој што не ми е близок, таа беше во секоја мисла која ме правеше да се чувстувам несигурно мислејќи дека сум дебела, глупава, досадна или премногу ќутлива.
Кога бев тинејџер, таа не се изгуби, напротив ја имаше се’ повеќе. Таа стана и силно чукање на срцето, потење на рацете, тресење на нозете дури и вртоглавиците во некои екстремни моменти.
Не ми дозволуваше да имам нормална конверзација со моите врсници, а и се разбира и со момчињата кои ми се допаѓаа. Е тогаш таа земаше најголем замав.
Се случуваше да соберам храброст и да излезам со некое момче и дента кога требаше тоа да се случи јас бев преплавена со секакви мисли, што ќе помисли за мене... и најчесто тоа се сведуваше на едно гледање, бидејќи сакав да бидам јас таа што ќе го прекине контактот, за да не бидам премногу повредена ако биде тој што ќе го направи тоа.
И конечно на часовите по Психологија, тој страв, тресење и тие вознемирувачки мисли си добија име – Анксиозност.
Во тој момент веќе не беше толку тоа страшно, тоа што секојдневно се случуваше со мене. Си доби име, облик и веќе знаев дека е тоа нешто што е дел од мене и ќе треба време и сили за да се преброди. И се стана полесно. Тоа беше првиот чекор, но најважен, да си се прифатиш себеси и сите работи кои се дел од тебе.