Тинејџери

Ние сме тука за вас, што и да имате на ум. Ќе ве поддржиме. Ќе ве водиме. Можеме да ви помогнеме да донесете вистински одлуки. Нашите совети и техники, идеи и инспирација можат да ви помогнат да чувствувате поголема контрола. Можете да дојдете до нив во секое време!

Стравови

Стравувам... Додека бев мала, еден од моите најголеми стравови ми беше мракот. Не можев да заспијам навечер доколку не ми беше вклучено светлото во собата. Денес, на 21 година веќе не се плашам од мракот. Но, затоа тој страв го заменија други, поголеми и пореални стравови.

Еден од моите поголеми стравови е што ќе правам по завршувањето на факултетот. Како ќе најдам работа? Дали ќе успеам во наоѓање на работата која би сакала да ја работам? До завршување на факултетот ме делат уште неколку испити, мојата струка е правник, за да работам во мојата струка треба да запишам мастер студии брзо, ако не и веднаш по завршувањето на додипломските студии. Потоа, треба да стажирам во адвокатска канцеларија и после некоја година да полагам правосуден за конечно да можам да работам самостојно како адвокат.

Колку години треба да поминат додека да дојдам до некоја стабилна позиција и доволно висока плата, со која би можела да си ги покријам основните потреби за живот за мене и да можам да им помогнам со трошоците на моите дома, утре ќе имам и семејство. Што ако не успеам да најдам работа во мојата струка? Ќе мора да се вработам каде било за да почнам да заработувам, што е и чест случај во нашата држава. За жал. Зарем ќе треба да работам некоја работа која нема да ме задоволи и да ме исполнува и ќе треба да живеам од месец за месец?

Пред некое време еден стих од песна ми го привлече вниманието. Тој гласеше: “there is already mortgage on my future” (веќе има хипотека на мојата иднина). Тогаш се замислив. Колку вистина и тежина има во таа мисла. Уште немам завршено факултет, а веќе знам дека треба да се задолжувам со кредити, како и многумина. Премногу треба да се вложи, а мали се шансите за успех.

Тука е и формирањето на семејство. Брак, деца, обврски во бракот, обврски со децата, обврски професионални, социјален живот.... Слушам секојдневно за разводи поради неверства, несогласувања, избрзано донесени одлуки, деца кои трпат заради одлуките на возрасните... Тука се и очекувањата од општеството, работи кои ни се наметнати и кои треба да ги исполниме за да бидеме прифатени.

Се прашувам како можам да знам која одлука ќе биде вистинска и најдобра за мене? Што ако ја донесам погрешната одлука и тоа ме чини скапо? Се прашувам дали ќе живеам исполнет, среќен и безгрижен живот.

И сега уште и COVID - 19. Секој ден гледаме како се повеќе и повеќе се зголемува бројот на заболени. Дали некогаш ќе се вратиме во нормала или ќе научиме да живееме во некоја нова нормала? Колку време не можеме да се видиме со своите блиски и колку долго ќе трае тоа? Честопати си го поставувам прашањето колку работи се сменија и колку ќе се сменат поради вирусот и најважно како сето тоа ќе влијае на мојата иднина.

Број на стравови = 8546 and counting......

Super User